Да се разреши советникот Малески!

ГЛАС ЗА МАКЕДОНИЈА, најостро реагира на изјавите на Денко Малески советник на претседателот на Републиката! Сметаме дека со ова македонската држава и македонскиот народ се институционално нападнати. Мистификации од највисок ред, демагогија, внатрешни драмолетки и меѓународни сценски настапи за ѓоа „просперитет и безбедост“! Изјавите на (квази) советникот со кои го негира македонскиот народ и го мистифицира историското наследство на Македонците, претставуваат сериозна национална навреда и срам! Државната функција која ја има не се состои од тоа да го негира постоењето на македонскиот народ и на неговата историја, развој, достоинство, интегритет и чест! Maлески добива државни и народни пари за да ги развива, штити и брани македонските национални вредности и интереси – вековната борба на Македонецот за културна, духовна, народносна, политичка еманципација! И единствено на оваа основа треба да советува, макар тоа бил и претседател на државата! Доколку Малески и натаму остане советник на претседателот, тоа ќе биде срам и одговорност и за вториов.

ГЛАС ЗА МАКЕДОНИЈА бара Пендаровски да му се извини на македонскиот народ за нанесената национална навреда од споменатиот Денко Малески, да го разреши од функцијата советникот и да ги осуди неговите навредливи изјави! Македонскиот народ е неминовност, а институциите од највисок ред треба да ги штитат исклучиво неговите интереси и вредност!