НОВИОТ ЗАКОН ЗА ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ на РМ – коренити реформи или префабрикација на стари решенија?



После долго исчекување и привидна демократија во процесот на изготвување, беше донесен новиот Закон за високото образование. Најавуван како решение за бројните проблеми со кои со години се соочуваат студентите и академскиот кадар, но и стопанството и општеството во целина заради несоодветните компетенции на дипломираните студенти, овој закон беше промовиран како едно од најголемите остварувања на Владата за периодот од доаѓањето на власт па до денес. Впечатокот дека станува збор за добро законско решение го засилува и отсуството на критики кои вообичаено ги следат скоро сите законски новини. Просто се наметнува прашањето, дали можеби е ерес пишувањето на оваа тема? Но дали навистина е така? Дали новиот ЗВО е темелот на неопходните коренити реформи во високото образование, или пак засегнатите со него се толку апатични и без очекувања, што ниту длабински го анализираат, ниту критички го коментираат. Да загребеме сосема малку под површината на овој правно-технички добро срочен законски текст и да видиме какви суштински промени ќе произлезат од него. Главните новини ги најави, сега веќе поранешната министерка за образование, Дескоска, а се однесуваат на членовите во законот кои го регулираат студентското организирање, раководните органи и тела, како и основањето на Агенцијата за квалитет во високото образование.

Во однос на првото, останува да видиме дали ќе се спречат злоупотребите на парите на студентите. Многу енергија беше потрошена за донесување на одредби за застапување на студентите, но малкумина се вистински заинтересирани да партипицираат во студентската организација. Од друга страна, законот ниту ги третира големите прашања како што е студентскиот стандард, ниту пак нуди решенија за секојдневните проблеми со кои се соочуваат студентите. Дали пократкиот мандат на раководните лица и поголемата вклученост на академскиот кадар во носењето одлуки ќе резултираат и со поголема грижа за студентите?

Со кои механизми ќе се загарантира основното законско право на студентот за „квалитетни студии и образовен процес како што е предвидено со студиските програми“, ако ниту квалитетно се евалуираат студиските програми, ниту се обезбедуваат услови за квалитетно студирање. Во оваа прилика, ќе се задржиме токму на оваа теза.

Во текот на изминатата година беа акредитирани (реакредитирани) неколку стотици студиски програми на сите универзитети во државата, од страна на мал број на членови на Одборот за акредитација и евалуација. Ретко кој надвор од академската фела знае дека секој елаборат за само една студиска програма е сто, двесте, а и повеќе страници. Но секој може да ја направи математиката за колку вкупно страници станува збор, па неминовно се поставува прашањето, дали воопшто и со колкаво внимание се исчитани овие елаборати. Друг проблем е компетентноста на комисиите и членовите на одборот што ги оценуваат студиските програми, во смисла дека 23 професори, колку што брои одборот, донесуваат одлуки за студиски програми од сите можни научни области и полиња. Не помал проблем е методологијата по која се врши оценувањето и тоа, не толку самите индикатори, колку неможноста квалитетно да се проверат податоците. Затоа се случува еден ист простор, опрема, библиотечни единици, па дури и наставен кадар, да бидат декларирани како обезбедени, а се повторуваат, не само за неколку сродни студиски програми, туку и за различни програми на различни факултети на еден универзитет. И ако некој реши да потроши малку енергија и време во истражување на овој проблем, лесно ќе согледа дека има наставници на кои, согласно елаборатите за студиските програми, им се распределени по десеттина предмети во текот на семестарот (а за неделниот фонд на часови и да не зборуваме), што е надвор не само од сите нормативи, туку и од здрав ум за квалитетно реализирана настава.

Затоа го поставуваме прашањето: Ако е проблематичен првиот чекор во процесот на обезбедување на квалитетот на високото образование, а тоа е акредитацијата на студиските програми, дали воопшто има смисла понатаму да се зборува за ова прашање?

Бранителите на новиот закон веројатно би одговориле дека, ете, токму со новата Агенција за квалитет ова ќе се промени. Меѓутоа, станува збор за несуштинска новина, во смисла дека сите законски функции на оваа агенција и до сега можеа да бидат остварувани од страна на Одборот за акредитација и евалуација. За жал, со години наназад, ова тело само половично си ја вршеше функцијата, акредитирајќи студиски програми, додека потполно ја запостави обврската да врши евалуација, односно меѓу евалуацијата и процесот на (ре)акредитација постави знак за равенство. На крај, доаѓаме до неминовната констатација дека не се проблем законските решенија, туку нивната примена. И вистинската цел на овој текст е да предочи само еден аспект од имплементацијата на старо-новите законски решенија што се однесуваат на квалитетот во високото образование, за да не се продолжи со погубните практики, на штета на академската заедница и општеството во целина.



Јуни 2018


Recent Posts

See All